Денес во светот има повеќе од пет милијарди мобилни телефони кои се во функција. Тоа е најмасовниот предмет што човекот го носи секојдневно со себе.
Филмовите направени на мобилни телефони, стануваат се повеќе популарни, благодарејќи на големиот број на фестивали низ светот кои ја популаризираат оригиналноста и естетиката на „мобилниот филм“.
На огромниот број на корисници на мобилни телефони во светот, вклучувајќи го регионот и Македонија, има исто толку потенцијални „филмаџии“. Тоа беше доволен мотив и предизвик во 2010 година да започнеме со Мобил Фестивал , првиот Интернационален фестивал на филмови снимени со мобилен телефон во Македонија.
Во овие пет години постоење фестивалот прикажа стотици филмови снимени со мобилен телефон како во домашната така и во интернационалната селекција. Воедно Мобил Фестивал стана дел од огромната интернационална мрежа на фестивали кои промовираат филмови снимени со мобилен телефон. Така филмовите од Мобил Фестивал добиваат своја промоција и на најголемите светски фестивали од овој вид. Еден од победниците на фестивалот во 2011, филмот “Everything is money” на Дукаѓин Борова веќе беше на престижниот Интернациoнален Mobil Film Festival во Сан Диего и доби награда за најдобар филм што користел анимација.
Како дел од програмата на Мобил Фестивал се и работилниците Mobile Festival Workshop. Работилниците секоја година се на различна тема и се водени од професионалци во својата област.
Мобил Фестивал во соработка со основните и средните училишта во Скопје го организира и Џуниор Мобил Фестивал, со што им дава шанса на најмладите да ја покажат својата креативност преку новите технологии.
Во моментов Мобил Фестивал е единствен фестивал од ваков вид од регионот кој успеа да остане редовен. Од 2012 година, фестивалот прерасна во регионален и освен домашна и интернационална селекција веќе има и селекција на филмови од регионот.
Да снимаш филм на мобилен телефон е различно и лесно. Со своите мобилни телефони секогаш и секаде можете да регистрирате настани, неочекувани ситуации, да продуцирате брзo свои филмови. Потребна е желба. Идејата и креативноста сами ќе дојдат. Затоа искористете ги поволностите на она мало апаратче кое го носите секогаш со Вас и снимете го својот филм.