Земјата од иднината” најдобар на осмиот „Мобил фестивал“ Скопје, 19 ноември – Осмото издание на „Мобил фестивал“ успешно заврши синоќа во Кинотеката на Македонија, со доделувањето на наградите за најдобрите филмови снимени со мобилен телефон. Млада публика, меѓу кои беа авторите на филмовите, но и љубители на седмата уметност и креативните форми со кои таа се создава, заеднички ги проследија странските и домашните филмови што пристигнаа на нашата адреса на конкурсот за филм снимен со мобилен.
Четиричлено жири ги избра најдобрите автори во пет категории. За наградите одлучуваа режисерите Марија Џиџева, Саша Станишиќ, Лабеата Рамизи и Блерина Гоче од Албанија.
Фестивалот, кој го организира продукцијата „КТ филм и медиа“, годинава се одржа благодарение на поддршката од Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје и Кинотеката на Македонија. Во рамките на осмото издание беа одржани две работилници, во Скопје и во Битола. Во соработка со гимназијата Никола Карев од Скопје и С.О.С. Детско село дваесетина основци и средношколци учеа за стоп-анимација и сработија куси видеа, кои исто така беа прикажани на главната вечер.
Филмот „Земја од иднината” на младиот Берат Ахметај ја освои наградата за млади таленти „Ратка Илиевска – Лале“. Жирито му ја додели оваа награда „поради искрениот и отворен пристап, со храбро мешање на различни медиуми и средства, каде можеме да ја препознаеме младешката енергија и талент потребни за иден филмаџиј“. Ахметај, кој е ученик во СЕТУГС „Михајло Пупин” од Скопје доби стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Нему и на неговите соученици од скопското училиште со кои го снимија филмот „Го сакам Скопје“ (I love Skopje), Мобил фестивал им додели VR-маски за мобилен. Истата награда ја доби и Филип Лафазановски, авторот на филмот „Да се биде лист“ (To be a leaf).
Наградата за најдобар странски филм ја добија филмовите „When he was, when he went“ на иранскиот автор Араш Поурнамдаријан и „Тhe story of the motorbike“ на авторот Јункинг Дуанму од Кина. Во еден постомодернистички манир режисерот создал омаж на познатиот ирански режисер, но истовремено раскажува и една топла човечка приказна. Тоа го прави преку едноставни изразни и технички средства, стои во образложението за иранскиот филм. Доблест на вториот награден филм е владеењето на филмскиот јазик, а режисерот со чисти филмски средства раскажува носталгична приказна која допира до секого.
Наградата за најинвентивен филм ја доби „Peripherals“ на Бенџамин Рејбоун од Велика Британија. Признанието го доби за инвентивноста на користењето на различни аудиовизелни средства (мобилен телефон, двоглед, фотографија, звучни записи) во градење еден емотивен свет, каде се брише границата помеѓу личното и јавното.
Награда за најоригинална приказна ја доби „Anyu or how Stálin lost his nose“ на Лина Валде од Германија, заради оригиналиот начин во комбинирањето на повеќе медиуми и филмски форми. Филм во кој се испреплетуваат документарното, фикцијата и анимираното. А тоа е во функција на филмската приказна, вели жирито. Најоригинална приказна има и филмот „Head over heels“ на Леонид Григурко од Русија. Тој е награден поради вештото користење на внатрешна монтажа преку која режисерот успева во еден кадар и една минута да влезе во светот на една тинејџерка.
Награда за најдобра идеја доби Давид Лоренц од Германија за филмот „Selfie“, за едноставна и ефектна идеја во која режисерот успева да прикаже љубовна приказна користејќи го еден од најизвиканите модерни феномени поврзани со мобилен телефон, селфито. Со истата награда беше награден и Доминго Гонзалес за филмот „28 август“.