Филмот „Дамата со гулабите” на Џулија Брацале од Италија ја освои наградата „Ратка Илиевска – Лале“. Наградата за најинвентивен филм ја доби „Микси“ на Џотсна Путран од Индија. Награда за најоригинална приказна ја доби „Море“ на Серхио М. Виљар од Шпанија, а неговиот сонародник Пако Леон доби специјално признание за филмот со наслов „Сосед“.
Четириесет и еден филм од 27 земји ја чинат програмата на годинешното 12-то издание на фестивалот што под мотото „Филмот продолжува“ се одржува во хибридна форма од 25 ноември до 1 декември – онлајн на VoD платформата Cinesquare.net и во Кинотека на Македонија. Сите филмови се бесплатни за гледање.
Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.