Седмиот „Мобил фестивал“ продолжува со тридневна програма „Синематик“ која ги става во фокус филмските монтажери. „Синематик“ ќе опфати четири проекции на долгометражни филмови во соработка со Eye on Films од Франција – платформа за поддршка на први и втори играни филмови на режисери.
Во рамките на оваа програма Асоцијацијата на филмски продуценти на Македонија ќе додели признание за најдобриот филм. Ќе бидат прикажани по два филма во двата дена, во Џебното кино во Младинскиот културен центар, од 19 и од 21.30 часот.
Програмата ќе почне на 7 декември во 19.00 ч. со проекција на филмот „Псевдоним“. Специјален гостин е режисерот Тиери Себан, кој по прикажувањето на филмот ќе одговара на прашања од публиката. Во вториот термин вечер ќе биде прикажан филмот „Лицемери“ од Вало Тоомла. Влезот е бесплатен.
Во рамки на „Синематик“ на 12 декември ќе биде одржана и работилница за монтажа, насловена „Онлајн промоција на филмски трејлери“, која ќе ја води монтажерот Атанас Георгиев.
„Мобил фестивал“ почна како прв Меѓународен фестивал на филмови снимени на мобилен телефон во Македонија. Во изминатите седум години се обидува да фати чекор со времето и технологијата. Програмата „Синематик“ се надоврзува на оваа мисија и од годинава сака да им оддаде почит на монтажерите за нивната работа и да се осврне на постпродукциската работа на филмот, посветеноста, иновативноста и квалитетот во областа на филмската монтажа и постпродукција.
Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија во рамките на оваа програма му врачи награда за животно дело на култниот француски монтажер Жак Вита. Наградата во вторникот му ја врачи поранешниот амбасадор на Македонија во Франција, Јордан Плевнеш.